Иако Манчестер Сити обезбеди пласман во финалето на Лига куп, тренерот Пеп Гвардиола јавно го искажа своето незадоволство поради правилата кои му создадоа сериозен проблем пред завршниот меч.
Шпанскиот стратег не можеше да смета на зимското засилување Марк Геји во полуфиналниот двомеч со Њукасл, а според актуелните прописи, дефанзивецот нема право на настап ниту во финалето против Арсенал. Токму тоа предизвика жестока реакција кај Гвардиола.
„Се надеваме дека Марк ќе може да игра во финалето. Му плаќате на играчот многу пари, а потоа не можете да го користите. Не разбирам зошто не можеме да го користиме во финалето. Се надевам дека ќе ги убедиме. Понекогаш е тешко да се разбере. Јасно е дека Марк не можеше да игра во реваншот бидејќи не беше регистриран за првиот натпревар. Но сега е финале, зошто не може да игра? Зошто? Му плаќаме, тој е наш играч. Логично е“, изјави Гвардиола.
Тренерот на Сити најави и официјален чекор кон надлежните. Сепак, Гвардиола не крие дека не е голем оптимист.
„Ќе напишеме писмо и се надевам дека ќе разберат дека не може да игра поради правила кои јас не ги разбирам. Се надевам дека можам да го променам тоа за да добие шанса. Сепак, дали може да се промени правило во оваа земја? Никако. Но ќе се обидеме“, нагласи Пеп.
Останува да се види дали Манчестер Сити ќе добие позитивен одговор или финалето ќе го дочека без еден од своите нови адути.