Гризман се огласи по трансферот на Камп Ноу, Атлетико не седи мирен и порача: Имаме докази

by
2 минути читање

Французинот конечно потпиша за Барселона. Зделката која се најавуваше уште минатото лесто се комплетираше вчера откако адвокатот на Антоан Гризман во канцелариите на Ла Лига еднострано го раскина договорот со Атлетико со активирање на откупната клаузула вредна 120 милиони евра. 

Напаѓачот потоа се обврза кон „каталонците“ до 2024, а во доцните вечерни часови пристигна и неговиот прв коментар за големиот трансфер.

„Кога бев дете, мојот татко ме научи дека возот не минува само еднаш во животот. Дојде време да прифатам нов предизвик, нова дестинација. На крајот, нашите патишта се вкрстија. Ќе го бранам дресот на Барса со посветеност и решителност. Ова е наше време. Ова е нашиот пат“ – гласеше видео пораката од Антоан Гризман објавена на Твитер профилот на шампионот на Шпанија.

Но целата трансфер сага ќе има трето полувреме откако Атлетико вчера најави тужба и побара 200 милиони евра, сумата на која гласеше откупната клаузула на фудбалерот пред 1. јули. Тие веруваат дека играчот се има договорено со Барса уште во март, па затоа клубот од Камп Ноу треба да плати многу повеќе за слободата на голгетерот.

„Не случајно испративме соопштение, имаме докази. Затоа сметаме дека сумата од 120 милиони евра не е доволна“ – вели првиот човек на Атлетико, Енрике Серезо. „Разочаран сум од однесувањето на Гризман бидејќи долго време имал намера да замине а нас ни ги соопшти вестите во последен момент“.

„Како и да е, Барселона ангажираше одличен играч. Не сакавме да го продадеме Гризман, но тој реши да замине. Останува да видиме дали го направи правиот избори или не“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани