Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ повторно тренира со полн интензитет со фудбалерите на Јувентус и е сè поблиску до враќање на натпреварите по пауза што траеше речиси четири месеци.
Италијанските медиуми јавуваат дека Влаховиќ во Торино го одработил целиот тренинг заедно со тимот и постои голема веројатност да се најде во составот за гостувањето против Удинезе за викендот.
На тренинг-натпреварот, српскиот голгетер успеал и да се запише меѓу стрелците, што дополнително ги охрабрува стручниот штаб и навивачите дека неговото враќање викендов е можно.
Влаховиќ се повреди на 29 ноември минатата година на натпревар од италијанското првенство против Каљари и оттогаш е надвор од терените.
Пред повредата, напаѓачот имаше солиден учинок со шест постигнати погодоци и две асистенции на 17 натпревари во сезоната. Неговото враќање би можело да биде значајно засилување за Јувентус, кој во последниот период се соочува со проблеми токму во офанзивната линија.