Искусниот француски фудбалер Н’Голо Канте како што стојат работите и дефинитивно е пред враќање во европскиот фудбал по две ипол години кои ги помина во Саудиска Арабија.
Информацијата ја објави реномираниот турски новинар Јагиз Сабунџуоглу, кој претходно во текот на неделата пишуваше дека Фенербахче е сериозно заинтересиран да го доведе францускиот фудбалер и да го спои со Матео Гендузи кој неодамна потпиша за турскиот гигант.
Претставници на Фенербахче пред два дена отпатувале за Саудиска Арабија со цел да ги финализираат преговорите со актуелниот шампион, а токму тој ден беше објавено и дека Канте дал согласност за преселба на Босфорот.
Во прилог на ваквите најави оди и информацијата дека Канте одбил нов договор со Ал-Итихад, со оглед на тоа што актуелната соработка му истекува на 30 јуни. Клубот од Џеда, наводно, му понудил двегодишен договор според кој за 24 месеци би заработил 28 милиони евра, плус дополнителни четири милиони преку бонуси.
Очигледно, оваа понуда не била доволен мотив за Французинот и понатаму да настапува во Саудиска Арабија.