Ремито на Македонија против Велс (1-1) во второто коло на квалификациите за Светското првенство, стави крај на најславната голманска низа во историјата.
Столе Димитриевски прими гол по 711 минути на репрезентативен план. Останува чувство на горчина бидејќи погодокот падна несреќно во 96. минута и на тој начин Македонија остана без победа над фаворитот, откако претходно поведе во 91. минута.
Ова беше најдолгата низа без примен гол во историјата на македонската репрезентација. Истата траеше од седми септември и гостувањето во Торшавн кај Фарски Острови (1-1). Потоа Столе немаше примен гол на дуелите со Ерменија и Летонија дома и на гости, домашниот дуел со Фараните и гостувањето кај Лихтенштајн во саботата.
И претходно најдолгите серии без примен гол се зад името на Столе Димитриевски, ама се повеќе од двојно пократки од оваа.