Синоќешната пресметка помеѓу Евертон и Тотнем на Гудисон Парк помина во сенка на хорор повредата на Андре Гомеш. Сон стартуваше од зад грб, стартот можеби не беше груб, но Португалецот потоа лошо падна и удри во Орие.
Фудбалерот од средниот ред има фрактура и дислокација на десниот скочен зглоб, денеска му беше извршена операција и „карамелите“ соопштија дека очекуваат играчот целосно да се опорави.
„Евертон може да потврди дека Андре Гомеш беше на операција за да се санира фрактурата и дислокацијата на скочниот зглоб на десната нога и процедурата помина одлично. Португалецот сега ќе помине одреден период на опоравување во болница, а потоа ќе продолжи со рехабилитација во нашиот тренинг комплекс под насоки на нашиот медицински персонал. Се очекува 26 годишниот играч целосно да се опорави“ – се вели во соопштението.
„Во име на Андре, клубот сака да им се заблагодари на сите навивачи на Евертон, како и на сите љубители на фудбалот кои испратија пораки со поддршка“.
Евертон не откри колку време Андре Гомеш ќе биде надвор од стројот, но медиумите шпекулират дека тој најверојатно ќе се врати на терените дури следната сезона и ќе му биде потребна и до една година за да ја санира хорор повредата.