Голманот на БиХ, Никола Васиљ вели дека не можел да поверува кога видел како Џиџо Донарума му го кине ливчето со пеналџиите на Италија, смета дека неговиот колега направил неспортски потег, но на крајот кармата го стигнала.
Натпреварот помеѓу Босна и Италија во баражот за Светското првенство и понатаму е во фокусот на фудбалската јавност во Италија.
Медиумите сега пренесуваат изјава од голманот Никола Васиљ, кој влезе во расправија со својот колега Џиџо Донарума, причина за кошкањето беше ливчето со пеналџиите на „аѕурите“.
„Донарума ми го искина листот на кој имаше запишано информации за тоа како фудбалерите на Италија изведуваат пенали. За среќа тренерскиот персонал имаше копија, бевме добро подготвени за секое сценарио“ – вели Никола Васиљ.
„Искрено, не ми се веруваше дека се случи тоа. Прв пат ми се случува нешто вакво. Јас и Донарума почнавме да се расправаме, потоа разговарав со судијата барав да му покаже жолт картон“.
„Неговото однесување беше неспортско. Но на крајот… ние победивме, а луѓето велат дека нив ги стигнала кармата“.