Ноќеска почнува новото Светско клупско првенство, љубителите на фудбалот ќе можат да видат неколку новитети, а една значајна промена е тоа што голманите ќе можат да ја држат топката 8 секунди, во спротивно ризикуваат да бидат пенализирани.
САД ќе биде домаќин на новото Светско клупско првенство на кое учеството ќе земат 32 екипи.
Првото издание на ова натпреварување ќе почне во сабота (2 часот наутро во недела по македонско време), а љубителите на фудбалот ќе можат да видат неколку новитети.
Една значајна промена е новото правило според кое голманите ќе можат да ја држат топката 8 секунди, во спротивно ризикуваат да бидат пенализирани.
И претходно имаше правило според кое голманот треба да се ослободи од топката за 6 секунди, но никогаш не беше применувано во пракса.
ФИФА сега притиска за имплементација и дадени се јасни насоки како треба – кога голманот ќе воспостави контрола на топката, ќе има осум секунди да се ослободи од неа. Судијата ќе треба да подигне рака за да сигнализира дека преостануваат уште 5 секунди. Доколку голманот не се ослободи од топката, противниците ќе добијат корнер.
Од светската куќа на фудбалот нагласуваат дека правилото нема да биде до толку многу строго, судиите ќе бидат толерантни, особено доколку голманот направи тешка интервенција и му треба време да се опорави.
Но судиите нема да имаат милост за ситуациите во кои голманите се прават „на Тошо“, кога при шут, нафрлена топка од корнер или прекин, голманот ќе оствари лесна интервенција, па ќе падне на тревата и намерно ќе лежи десетина секунди. Потоа ќе стане, ќе погледне какви му се опциите, па бавно ќе ја удира топката од земја неколку пати и на крај ќе ја уфрли топката во игра и ќе украде 30 или повеќе секунди.
„Мислам дека ниту еден љубител на фудбалот не сака да гледа како голманот толку долго ја има топката во свој посед“ – вели првиот човек на судиите во ФИФА, легендарниот Пјерлучи Колина.
„Па им даваме неколку секунди плус бидејќи им е потребно време за нивните играчи да се ре-позиционираат на теренот. Но мора да знаат дека откако ќе истече времето, откако ќе поминат осум секунди, судијата ќе го примени правилото“.
„Убедени сме дека нема да има толку многу корнери, дека голманите ќе ги почитуваат лимитот од 8 секунди“.
„Видете, идејата за ова правило не е да ги казнуваме голманите. Па судиите ќе бидат флексибилни кога на голманите ќе им треба време да се опорават, на пример да речам по тешка одбрана“.
„Едноставно нема потреба да паѓаат на тревата и да легнуваат. Тоа е само трошење на време“.
На Клупското светско првенство ќе се примени и нова верзија на полу-автоматски офсајд, од ФИФА сметаат дека ќе има солиден напредок при проверките со ВАР и побрзо ќе се решаваат спорните моменти.
Судиите исто така ќе носат камери, па љубителите на фудбалот ќе можат да ги доживеат случувањата на теренот од еден поинаков агол.
Исто така, повторените снимки од ВАР собата ќе бидат прикажувани на големите екрани на стадионите, па публиката ќе може да ги гледа спорните моменти, а потоа и да слушне образложение од судијата за одлуката која ја донел.
ФОТО: X/FIFA Club World Cup