Набил Фекир минатото лето беше на чекор до Ливерпул, се беше договорено и тој требаше само да ги помине редовните лекарски прегледи. Сепак одредени резултати не беа по мерак на „црвените“, па тие се откажаа од играчот во последен момент.
Ова лето Французинот повторно беше на агендата на неколку гиганти ширум Европа, но на големо изненадување тој сега е пред потпис со Бетис.
Набил Фекир денеска пристигна во Севиља, веќе позираше со шал од Бетис и сега треба само да ги помине медицинските тестови. Клубот од „Бенито Виљамарин“ за неговите услуги ќе плати помеѓу 20 и 25 милиони евра. Тоа е три пати помалку од она што Ливерпул требаше да го искешира пред 12 месеци.
Се верува дека идеата е тој да не се задржи многу во Бетис, со една добра сезона во Шпанија, да направи побогат трансфер во поголем клуб. Впрочем таква е ситуацијата на Џовани Ло Селсо, кој минатото лето пристигна во Бетис од ПСЖ а сега е желба на Тотнем и се споменува трансфер од 70 милиони евра.