Фенербахче првиот
меч против Бенфика го загуби, но поразот од 0-1 значи отворен резултат кој
најавува интересен двобој во Истанбул, пред, веројатно полни трибини на Шукру
Сарачоглу арената и фанатичните навивачи на тој клуб кои знаат да направат пеколна атмосфера за противникот.
Медиумите во
Турција денес пренесоа за опциите кои Филип Коку, шефот на стручниот штаб на
Фенербахче ги има за вечерашниот меч, па така, „Fudbol Arena“ најавува дека нашиот 18 годишен Елиф Елмас
ќе стартува од првата минута.

Во првиот
натпревар нашиот репрезентативец ги одигра сите 90 минути, а веднаш потоа во
воведното коло од турската Суперлига, во победата против Бурса на Атанасов, ги
одигра завршните осум минути.
Од друга страна
пак, „Sporx“ известува дека
постои дилема кај холандскиот стратег, кој наводно ќе одбере помеѓу Бариш
Аличи и нашиот интернационалец. Самиот Коку во својата изјава во пресрет на реваншот против Бенфика не ги откри своите планови, наведувајќи дека тоа се тактички варијанти.

Ако се суди
според тоа што го видовме на почетокот од новата сезона, за разлика од ланската
под кормилото на Ајкут Коџаман, Елмас дефинитивно ќе добива многу поголема
минутажа а со тоа и можност за докажување кај Филип Коку.