Фудбалот во Бугарија го потресе голема акција во која дури 46 фудбалери и тренери од Првата и Втората лига се најдоа под суспензија поради обложување на натпревари од минатата сезона.
Како што јави бугарската национална телевизија, истрагата ја спровела Националната дирекција на полицијата, а целиот процес траел речиси една година со поддршка од Националната агенција за приходи и во координација со Фудбалскиот сојуз.
Дисциплинската комисија одлучи сите инволвирани да бидат исклучени од активности сè додека не ја подмират паричната казна во износ од 5.113 евра.
Сепак, како олеснителна околност се наведува дека полицијата не пронашла докази дека играчите и тренерите се обложувале на натпревари на нивните сопствени клубови.