Барселона требаше денеска да ја започне својата летна турнеја низ Азија, но плановите пропаднаа уште на првата станица. Каталонскиот гигант беше во очекување на пријателски натпревар со Висел Кобе во Јапонија, но истиот е откажан поради финансиски проблеми и неисполнети обврски од страна на организаторите.
Барса не ја добила договорената сума од јапонската компанија „Јасуда“, што резултирало со прекин на договорот. Промотерот „Д-Драјв“ ги обвини Јапонците за целиот хаос и најави дека ќе покрене правна постапка против нив.
По откажувањето на натпреварот, со официјално соопштение се огласи и клубот од Камп Ноу.
„ФК Барселона информира дека е приморана да го откаже учеството на натпреварот во Јапонија поради сериозно прекршување на договорот од страна на промотерот. Клубот сè уште ја разгледува опцијата да отпатува во Јужна Кореја, каде што се планирани два меча – против Сеул на 31 јули и Даегу на 4 август, доколку бидат исполнети одредени услови. Барселона жали што дојде до ваков расплет и им се извинува на навивачите во Јапонија“ – стои во обраќањето на шпанскиот првак.
Според последните информации, средбите во Јужна Кореја не се доведени во прашање и би требало да се одиграат според планираното.