Фудбалерот на Сиетл Саундерс, Жоржи Минунгу поради инфекција го загубил видот на едното око, но на ова не гледа како на хендикеп и смета дека се снаоѓа подобро од многу други фудбалери кои гледаат со двете очи.
Вечерва на полноќ, Сиетл Саундерс ќе го играат вториот натпревар на Светското клупско првенство, за противник ќе го имаат Атлетико Мадрид.
Еден фудбалер во таборот на клубот од САД привлекува особено внимание, станува збор за Жоржи Минунгу, кој поради инфекција го изгубил видот на едното око.
„Тоа беше еден од најтешките моменти. Се борев за место во првиот тим и почнаа да ми се случуваат одредени работи. Зачестија проблемите со едното око и на крајот морав да направам операција“ – вели фудбалерот кој доаѓа од Брегот на Слоновата Коска.
Но и покрај проблемите, тој доби професионален договор и веќе одигра 35 натпревари.
„Воопшто не ми пречи тоа што не гледам со едното око. Левото око можеби не ми функционира, но јас продолжувам да терам напред. Можеби гледам само со едно ок, но играм подобро од оние кои имаат две. Таков е мојот менталитет“.
„Мојот сон беше да играм на највисоко ниво, и иако мојот пат не беше лесен, работев напорно и си го исполнив сонот“.