Барселона повторно се соочува со проблеми предизвикани од репрезентативната пауза, откако Рафиња заработи повреда на натпреварот меѓу Бразил и Франција.
Бразилецот беше дел од стартниот состав, но мораше предвреме да го напушти теренот, што веднаш предизвика загриженост кај каталонците. По мечот, Карло Анчелоти откри дека причината е болка во мускулот.
„Тој се пожали на болка во мускулот и не сакавме да ризикуваме. Не делуваше премногу сериозно, но деталните прегледи ќе покажат за што всушност станува збор“, истакна Карло Анчелоти.
Ситуацијата е далеку од идеална за Барселона, бидејќи веднаш по паузата следуваат три исклучително важни натпревари против Атлетико Мадрид, два во Лигата на шампионите и еден во домашното првенство.