Реал Мадрид –
Манчестер јунајтед, ова е мега пресметката која ќе се случи во Скопје,
за претстојниот Европски Суперкуп, каде ќе се судрат победникот од Лигата на
шампионите, односно Лига Европа.
Претседателот на
Фудбалската Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски вели дека е голема честа
да се организира еден таков голем настан како што е европскиот Суперкуп.
„Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на
вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и
голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација
за развој на фудбалот во нашата земја и секако во регионот, а воедно и одлична
можност Македонија да се промовира и афирмира пред светската јавност“ издвојува Ѓорѓиоски.
„Со
добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе
ширум светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и
горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност за фудбалот и подготвеноста
да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан“ додаде првиот човек на македонскиот фудбал.
Како што пристигнуваат информациите, се вели дека Суперкупот
од „Телеком Арената“ во Скопје ќе биде пренесуван во живо во 216 земји, од кои
49 во Европа и 167 низ останатите делови од светот, над 280 ТВ станици ќе го
пренесуваат пред ТВ аудиториумот од неколку милијарди луѓе.
Како за
потсетување, големиот настан во нашиот главен град ќе се одржи на 8. август во
терминот од 20 часот и 45 минути.
Извор/Фото: ffm.mk