Хетафе има сезона за паметење, барем досега, откако денеска дојде и до 12. победа по 23 одиграни кола во Примера, а избраниците на Бордалас во моментов се на третата позиција на табелата со само седум бода заостанување зад лидерот Барселона.
Убавата приказна сезонава од Хетафе продолжи со четврта победа во низа, и тоа против Валенсија на домашен терен со 3-0, а кога нападот на една екипа функционира, тогаш резултатите сами по себе си доаѓаат.
Така беше и денеска, па Молина постигна два, а неговиот партнер во нападот, Мата ги постави конечните 3-0 за убедлив триумф на домаќините, меѓутоа еден гол посебно се издвои, оној на Молина за 2-0 во 67. минута.
При една грешка на гостите, 37 годишниот ветеран Хорхе Молина тргна во една полуконтра, па иако го имаше Кенеди на спротивната страна кој имаше добра позиција, тргна сам против тројца, кои дефинитивно беа посрамотени од оваа негова мајсторија на мал простор…