Актуелниот важечки
договор за 30 годишниот македонски напаѓач од редовите на Гезтепе, Адис
Јаховиќ, истекува идното лето, веќе пишувавме за тоа дека клубот од Измир му
подготвува нов а воедно и побогат договор и сериозен е во намерата да го задржи
во своите редови.
Според информациите кои
ги пренесуваат дел од турските медиуми денес, Гезтепе подготвил договор на 2+1
година за Јаховиќ, а неговата заработувачка од 400 илјади евра ќе се искачи на
750 илјади евра во новиот договор.
Цифрите околу платата на
Јаховиќ во Гезтепе ќе ги земеме со резерва, бидејќи нашите информации велат
дека Македонецот има поголема заработувачка на годишно ниво во однос на тоа што
го пренесуваат турските медиуми.
„Разговарав со тренерот
Тамер Туна, тој ми сугестираше да останам во тимот. Ова е позитивен развој на
настаните“ изјави Јаховиќ за „SportHaber7“.
Останува да видиме што
ќе се случи во периодот кој претстои, нашиот интернационалец влезе на голема
врата по фантастичните изданија во Гезтепе како ланската, така и во новата
сезона каде со 11 погодоци на исто толку настапи заедно со Бафетимби Гомис од
Галатасарај се водечките напаѓачи на листата на стрелците во турската
Суперлига.
Извор: spor.haber7.com