Германија и Холандија се последните репрезентции што вечерва и математички го обезбедија своето место на Мундијалот наредното лето.
Германците доминантно ја добија директната битка за првото место против Словачка, славејќи со убедливи 6-0. Домаќините ја искористија секоја шанса и заслужено како лидери во групата патуваат на Светското првенство, додека Словачка оди во бараж. Лерој Сане постигна два гола, а мрежата ја тресеа и уште Ник Волтемаде, Серж Гнабри и Асан Оуедраого.
Холандија исто така го потврди својот пласман СП, „лалињата“ со рутински 4-0 ја победија Литванија и така си ја заврстија својата позиција на врвот во групата. Стрелци беа Тијани Рендерс, Коди Гакпо, Чави Симонс и Донел Мален. Полска ќе мора во бараж, иако сепак се извлече со Малта и славеше со 3-2.
Убедлива вечерва беше и Чешка со Гибралтар славејќи триумф од 6-0, а посебно впечатливо е што сите шест гола ги постигнаа различни фудбалери: Давид Доудера, Томаш Чори, Владимир Коуфал, Адам Карабец, Томаш Соучек и Робин Хранац.
Во балканското дерби, Црна Гора иако имаше водство од 2-0, на крај доживеа пораз од Хрватска со 2-3. За домаќините погодија Милутин Осмајиќ и Никола Крстовиќ, додека Хрватска која играше во изменет состав бидејќи веќе имаше обезбеден пласман го сврти реезултатот преку Иван Перишиќ, Кристијан Јакиќ и Никола Влашиќ.