Турскиот шампион Галатасарај сака дополнително да го засили составот во зимскиот преоден рок, а како едно од приоритетните имиња се споменува и играчот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Мануел Угарте.
Според пишувањата на британските медиуми, истанбулскиот гигант е заинтересиран за ангажман на уругвајскиот репрезентативец на шестмесечна позајмица, со опција договорот да биде откупен на крајот од сезоната за сума од околу 20 милиони евра.
Угарте оваа сезона има 12 настапи во дресот на Манчестер јунајтед, но само трипати беше дел од почетниот состав, што во Галатасарај го гледаат како шанса да го доведат во своите редови.
Во турскиот клуб веруваат дека настапите во Лигата на шампионите би можеле да бидат дополнителен мотив за уругвајскиот интернационалец.
Како уште еден адут се споменува и присуството на неговиот сонародник Лукас Тореира, кој веќе настапува за Галатасарај, а од клубот се надеваат дека неговото позитивно искуство во Истанбул може да има влијание врз одлуката на Угарте.
Угарте во Манчестер јунајтед пристигна во летото 2024 година од Пари Сен Жермен за 50 милиони евра, додека францускиот клуб само една година претходно плати 60 милиони евра за неговиот трансфер од Спортинг Лисабон.