По поразот од Галатасарај дома со 0-3 во Лигата на шампионит, Ајакс официјално соопшти дека ја прекинал соработката со тренерот Џон Хеитинга. Холандскиот клуб го отпушти и потврди дека неговиот договор, кој важеше до 30 јуни 2027 година, ќе биде раскинат. Истата судбина ја дочека и неговиот асистент, Марсел Кајзер.
Во наредниот период екипата ќе ја води Фред Грим, кој привремено ќе ги преземе обврските на Хеитинга додека клубот не именува нов шеф на стручниот штаб. Техничкиот директор на Ајакс, Алекс Крос, ја објасни одлуката со неуспехот на тимот да направи напредок во изминатите месеци.
„Ова е болна одлука. Но, гледајќи наназад на последните неколку месеци, мора да заклучиме дека работите тргнаа поинаку од тоа што го планиравме. Видовме премалку напредок и изгубивме поени што не требаше. Знаеме дека нов тренер понекогаш има потреба од време за да го усклади тимот, но сметаме дека е најдобро клубот да добие нов лидер. Му благодариме на Џон и на Марсел за нивниот труд и му посакуваме успех на Фред, почнувајќи од неделниот меч во Утрехт“, изјави Крос.
Ајакс во следните денови ќе работи на именување на нов шеф на стручниот штаб, а клубот очекува тоа да се случи што е можно поскоро.