Фудбалскиот турнир на Олимписките игри почна скандалозно, мечот меѓу Аргентина и Мароко имаше досега невиден тек, сите веќе го прогласија за завршен, но не и судијата. Сите мислеа дека дуелот завршил 2-2, па по речиси два часа дуелот продолжи, голот на Аргентинците беше поништен, Мароко победи со 2-1.
Тоа што се случуваше на мечот во Франција меѓу Аргентина и Мароко тешко и да се објасни, но да одиме по ред.
Мароко водеше со 2-1, судијата покажа 15 минути судиско продолжение.
Аргентина изедначи во 106. минута на 2-2, со гол на Медина по една голема мешаница.
Мечот веднаш беше прекинат бидејќи на теренот влегоа некои марокански навивачи со пиротехника негодувајќи на големото судиско продолжение.
Фудбалерите отидоа во соблекувалната мислејќи дека мечот е завршен… но во меѓувреме судијата ги информирал дека не е завршен бидејќи голот на Аргентина е сомнителен и треба да се провери со ВАР.
По пауза од речиси два часа, фудбалерите се вратија на теренот, а голот на Аргентина беше поништен поради офсајд.
Се одиграа уште три дополнителни минути, натпреварот на крајот беше регистриран со победа на Мароко од 2-1.