Фудбалер со едно око ѝ донесе чудесен пресврт на Буркина фасо на Африканскиот куп

by riste
2 минути читање

Репрезентацијата на Буркина Фасо со драматичен пресврт во судиското продолжение ја совлада Екваторијална Гвинеја (2-1) на стартот од групата Е на Африканскиот куп на нации (АКН), а херој на мечот стана Георги Миноунгу – фудбалер кој гледа само на едно око.

Гвинејците водеа до петтата минута од надополнувањето благодарение на голот на Марвин Аниебох, но следеше целосен колапс. Во 95. минута израмни Миноунгу, а само три минути подоцна Едмон Тапсоба го комплетираше пресвртот и ѝ донесе голема победа на Буркина Фасо. Посебна тежина на овој триумф му дава токму фактот што стрелецот на израмнувачкиот гол е фудбалер кој по тешка инфекција целосно го загубил видот на левото око. И покрај тоа, тој успеа да се врати на теренот и да стане клучен играч на националниот тим.

Миноунгу во 2022 година од втората чешка лига се пресели во втората екипа на Сиетл Саундерс, а по година и пол избори место во првиот тим кој настапува во МЛС. Но, подготовките во Марбеља се претвориле во вистинска животна драма кога поради инфекција окото почнало нагло да му отекува и да го чеша.

„Најпрво стана црно, потоа црвено, а по две недели целосно бело“, изјави Миноунгу во јуни.

Итната операција не помогнала, бидејќи нервите на левото око целосно одумреле. Лекарите му порачале дека повеќе никогаш нема да може да игра фудбал, но Миноунгу одбил да се помири со таквата судбина и побарал дозвола да продолжи со тренинзи.

„Им реков: ако бидам добар – продолжувам, ако не – престанувам“, се присети тој.

Наместо крај, следел нов почеток.

„Работев понапорно од кога било. Не гледам сѐ, но ја чувствувам играта и ги читам ситуациите. Мозокот се прилагоди. Понекогаш воопшто не го гледам дефанзивецот – едноставно го чувствувам и менувам правец. Инстинктот и чувството станаа пресудни“, објасни Миноунгу.

Патот до статусот репрезентативец и стрелец на Африканскиот куп на нации му се отвори по настапот на Светското клупско првенство минатото лето.

„Тој турнир ми ја промени кариерата, бидејќи МЛС не се следи доволно“, изјави тој за Африканската фудбалска конфедерација.

Тој е роден и израснат во Брегот на Слоновата Коска, но со гордост ги брани боите на Буркина Фасо, која денес има нов херој – фудбалерот со едно око, кој докажа дека границите постојат само ако се прифатат.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×