Леон Горецка и Ханси Флик би можеле повторно да соработуваат, сега во редовите на Барселона.
Како што открива каталонскиот новинар Фернандо Поло, германскиот репрезентативец веќе воспоставил директен контакт со Флик, при што му ставил до знаење дека е подготвен за нова соработка и дека без двоумење би прифатил трансфер на „Камп Ноу“ како слободен агент.
Сепак, засега останува нејасно дали Флик воопшто ја разгледува оваа опција, имајќи предвид дека неговата визија во Барселона е јасно насочена кон развој и доверба во помладите фудбалери кои веќе се дел од тимот. Марк Бернал се гледа како долгорочно решение во средниот ред, додека таму веќе се и клучниот Педри, Френки де Јонг, Марк Касадо, како и Гави, кој се враќа по паузата.
Дополнителен аргумент против евентуален ангажман на Горецка е и фактот што Ерик Гарсија оваа есен пријатно изненади на позицијата последен играч за врска, што само ја засилува конкуренцијата и остава впечаток дека средината на теренот кај Барселона е повеќе од добро пополнета.
Инаку, Горецка беше меѓу најважните играчи на Баерн Минхен во периодот кога Флик го предводеше баварскиот гигант. Токму во тој период, двајцата беа дел од тимот што ѝ нанесе еден од најтешките порази во историјата на Барселона со убедливи 8-2 во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
F