Френки де Јонг вели дека од дете сонувал за настап во Барселона па затоа ги одбрал „каталонците“ и покрај тоа што имал богата понуда од ПСЖ.
Френки де Јонг во последно време често е дел од трансфер шпекулациите, Холанѓанецот е под договор со Барселона до јуни 2026, преговорите за нова соработка тапкаат во место, па се говори дека играчот ќе биде продаден по крајот на сезоната со цел да се избегне голема финансиска загуба.
„Шпекуалциите се работа за медиумите, мене не ме интересира ова. Јас само се фокусирам на фудбалот. Еден ден ќе седнеме на маса со клубот, ќе слушнам што има да кажат, и заедно со семејството и агентот ќе одлучам што сакам“ – вели Холанѓанецот.
„Луѓето мислат дека сакам да останам во Барселона само поради тоа што уживам во животот надвор од фудбалските терени. Да, ова е точно, но зависи и од тоа што се случува на теренот. Доколку не можам да дадам придонес, или пак не можам да победувам, нема повеќе да бидам тука“.
„Бев во напредни преговори со ПСЖ кога ме известија за интересот на Барселона. Па не сакав ништо друго, Барса е клубот од моите соништа, од дете сакав да играм тука. И понатаму уживам и покрај тоа што не сите работи се така идеални како што ги замислувате“.
„Разочаран сум од една работа, од бројот на трофеи кои ги освоив. Не замислував дека по четири години ќе имам само една титула во првенството, една во Купот и една во Суперкупот. Очекував да имам барем двојно повеќе“.