Главниот уредник на „Франс Фудбал“ наброја три причини поради кои Џамал Мусиала не се најде меѓу кандидатите за „Златната топка“, вели дека никој не го оспорува раскошниот талент на Германецот
Оваа недела, „Франс Фудбал“ ги објави имињата на 30-те фудбалери кои ќе конкурираат за престижната индивидуална награда „Златна топка“.
На листата немаше место за имиња како Родриго од Реал Мадрид, или Џамал Мусиала од Баерн Минхен.
По вчерашниот натпревар помеѓу Германија и Унгарија, на која Џамал Мусиала постигна еден гол и забележа три асистенции, капитенот на „панцерите“, Џошуа Кимих порача дека не разбира како немало место за неговиот соиграч од Баерн и репрезентацијата.
Во разговор со „Минхенер Меркур“, главниот уреник на „Франс Фудбал“ објасни зошто Џамал Мусиала не е помеѓу кандидатите за „Златната топка“.
„Тоа што Џамал Мусиала не е на листата со 30 фудбалери не значи дека некој го оспорува неговиот талент. Тој беше на списокот во 2023, а беше номиниран и за Копа Трофејот, кој се доделува на најдобриот млад играч“ – вели Гарсија.
„Но исто како Џуд Белингем, неговиот статус забележа голем прогрес за краток период и веројатно очекувањата беа поголеми оваа година. И како резултат на ова, веројатно беше оценуван поинаку“.
„Според мене, има три главни причини зошто не доби доволно гласови. Како прво, потфрли со статистиката во Лигата на шампиони, на пример, постигна ист број на голови како Матис Тел. Тоа е премалку за играч од негов калибар. Исто така не успеа да импресионира на важни натпревари како реваншот против Реал Мадрид во полуфиналето во Лигата на шампиони, или пак четвртфиналето против Шпанија на Европското првенство“.
„Неговите перформанси не дека беа катастрофални, но едноствно не беа доволно добри“.
„Сезоната на Баерн, која им беше најлоша во последните десетина години, исто така не му помогна“.
„Но сигурен сум дека ќе се врати на списокот во иднина“.