Француски петтолигаш ќе патува 36.000 километри за натпревар во Купот – и не му е првпат!

by 24 фудбал
1 минути читање

Францускиот петтолигаш Милуз доби неверојатно гостување во Купот на Франција, откако ждрепката го спои со тимот Магента од далечната Нова Каледонија. За клубот од Алзас тоа значи авантура долга околу 18.000 километри во еден правец за натпревар што ќе се одигра во сабота или вкупно 36.000 километри до таму и назад.

Фудбалерите и стручниот штаб на Милуз патуваат речиси 24 часа за да стигнат до стадионот „Нума Дали“ во Нуемеа, а дополнителен предизвик е и временската разлика од десет часа.

Интересно е што ова не е првпат Милуз да игра во Нова Каледонија. Во Купот на Франција во 2012 година тие славеа со 3-0 против тимот АС Леси во истата рунда. Трошоците за патувањето ги покрива Француската фудбалска федерација, со цел да ги заштити малите клубови од финансиски товар.

Седмото коло на Купот е првото во кое аматерите се среќаваат со клубови од втората француска лига, а натпреварите се играат буквално на сите континенти каде што постојат француски територии во Европа, Океанија, Африка и Америка.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×