Францускиот новинар Пјер Менес повторно предизвика бурни реакции со своите изјави. Поранешниот спортски новинар на „Л’Екип“ и телевизијата „Канал+“ овојпат отвори тема поврзана со недостигот на бели фудбалери во француските клубови и репрезентацијата.
Менес, зборувајќи за искуството на својот син, откри дека тој престанал да тренира фудбал поради проблеми со останатите деца во тимот.
„Син ми тренираше во Торси, клуб во регионот Ил-де-Франс. По три тренинзи ми рече дека нема да оди повеќе. Имаше 11 години и ми кажа: ‘Не ме поздравуваат, не ми ја додаваат топката, ми викаат кога ја имам и не сакаат да се тушираат со мене’. Тимот беше составен исклучиво од Арапи и црнци“, изјави Менес.
Тој додаде дека ова не е изолиран случај, туку проблем кој постои низ целиот француски фудбал.
„Ако отидете на натпревар во парискиот регион, најчесто ќе видите само еден бел играч на теренот, и тоа или голман или десен бек. Доволно е да ја погледнете и репрезентацијата. Денес во францускиот тим играат единаесет црни фудбалери“, изјави новинарот.
Изјавите на Менес веќе предизвикаа бројни реакции во јавноста и социјалните мрежи, а дел од критиките се насочени кон тоа дека неговите коментари се на работ на расистички ставови.