Тренерот на Барселона, Ханси Флик, испрати порака на верба и покрај тешкиот удар што неговиот тим го претрпе во првиот полуфинален дуел од Копа дел Реј против Атлетико Мадрид. Каталонците го запишаа најтешкиот пораз откако Германецот седна на клупата (4-0), но стратегот е убеден дека приказната далеку од тоа дека е завршена.
„Ова не е крај. Имаме уште најмалку 90 минути на Камп Ноу и верувам дека можеме да направиме пресврт. Ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број и да застанат зад нас. Ќе се бориме до последниот здив“, порача Флик.
Тој не штедеше критики за изданието во првото полувреме, кое го оцени како катастрофално. Според него, тимот делувал разединето, без компактност и со речиси непостоечки пресинг. Во продолжението, како што истакна, сликата била значително подобра, што му дава надеж дека на реваншот може да се постигнат најмалку два гола по полувреме.
Флик подвлече дека и покрај болниот пораз, е горд на сработеното во текот на сезоната, особено ако се земат предвид бројните повреди што го осакатија составот.
„Научивме тешка лекција. Сега мора да почнеме од нула и да влеземе во реваншот со истата енергија и решителност каква што покажа Атлетико. Нема повеќе алиби“, јасно порача тој.
Сценариото потсетува на легендарниот пресврт против Пари Сен Жермен во Лига на шампионите во 2017 година, кога Барселона по пораз од 0-4 во првиот натпревар успеа да слави со 6-1 на домашен терен.