Ерата на Роберт Левандовски во Барселона, по сè изгледа, се ближи кон својот крај. Полскиот голгетер е сè поблиску до заминување од „Камп Ноу“, а клупската управа, предводена од спортскиот директор Деко, веќе активно работи на пронаоѓање на негов наследник. Тренерот Ханси Флик има јасна визија и веќе предложил име за кое верува дека е идеалната нова „деветка“ на каталонскиот гигант.
Левандовски не се најде во почетниот состав на последните пет натпревари, а неговиот договор истекува на лето, кога ќе наполни 38 години, па разделбата по крајот на сезоната се чини како речиси извесен епилог. Во меѓувреме, клубот сè повеќе се потпира на Фермин Лопез, кој со 14 погодоци моментално е најдобар стрелец на тимот.
По две и пол сезони во дресот на Барселона, Полјакот би заминал како слободен фудбалер, оставајќи зад себе еден успешен период. Деко е свесен дека изборот на вистинската „деветка“ е клучен за стабилноста на проектот и понатамошниот развој на младите ѕвезди како Ламин Јамал, Педри и Гави. Иако одлуката ќе биде стратегиска и донесена во координација со врвот на клубот, последниот збор ќе го има токму Флик.
Според информациите кои доаѓаат од Германија, Флик веќе ги пренел своите желби до управата, а негов прв избор е напаѓачот на Борусија Дортмунд, Серхи Гираси. Францускиот голгетер има 29 години и сигурно барем уште неколку може да биде на највисоко ниво. Зад себе има извонредна мината сезона, во која беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите, израмнет со Рафиња, со што покажа дека знае да одговори на најголемата сцена.