Едно од главните обележја на Барселона под водство на Ханси Флик е ненаситната желба за голови. Германскиот стратег постојано ја турка екипата кон напад без разлика на резултатот, а тоа на Каталонците им донесе импресивни офанзивни бројки во 2025 година.
Според „Марка“, Барселона ја затвори годината со вкупно 169 постигнати голови на 60 натпревари во сите натпреварувања. Особено ефикасна беше во Ла Лига, каде на 37 средби постигна 102 гола, со просек од 2,75 по натпревар. Само во периодот од август до декември беа постигнати 67 голови, од кои најмногу во домашното првенство.
Сезоната ќе се памети и по убедливите победи со по шест гола против Валенсија и Олимпијакос, пет против Бетис, како и по четири против Атлетик Билбао и Селта. На 13 од 25 одиграни натпревари оваа сезона Барселона постигна најмалку три погодоци.
Ова е најдобар голгетерски учинок на клубот уште од ерата на Луис Енрике во 2016 година. Тогаш беа постигнати 174 гола, а во актуелниот тим најголем товар во нападот го носат Левандовски, Феран Торес, Рафиња, Ламин Јамал и Фермин.