Барселона во рамките на четвртото коло на Ла Лига ја дочека и декласира Валенсија со 6-0 на „Естади Јохан Кројф“.
На овој натпревар казнет беше една од ѕвездите на каталонскиот гигант Рафиња. Тренерот Ханси Флик решил да го казни поради недисциплина. Бразилецот пристигнал доцна на тренинг, а Германецот веднаш реагирал и донел одлука да го изостави од стартната постава.
Флик од своето доаѓање на „Камп Ноу“ постави јасни правила и строг ред во тимот, па секое прекршување на дисциплината се санкционира без исклучок.
Сепак, Рафиња доби шанса за игра во второто полувреме и веројатно со настапот успеа да се смири со тренерот. Бразилското крило постигна два погодоци во убедливата победа на Барселона. По натпреварот двајцата беа фотографирани во срдечна прегратка.