Денеска во просториите на ФФМ беа извлечени двојките за првото коло од овогодинешното издание на фудбалскиот Куп на Македонија. ФК Слободен за противник ја доби екипата на Брегалница Штип.
ФК Слободен ќе фигурира како домаќин на натпреварот, кој ќе се одигра на стадионот во Горно Лисиче, Скопје.
Екипата на ФК Слободен ја доби честа да биде домаќин на својот дебитантски натпревар во Купот на Македонија. За противник доби екипа која ѝ е одлично позната на фудбалската јавност и која минатата година настапуваше во Првата МФЛ.
Натпреварот помеѓу ФК Слободен и ФК Брегалница Штип ќе биде отворен за посетителите и влезот ќе биде бесплатен. Раководството на клубот испраќа порака за фер натпревар со добар фудбал и ја поканува фудбалската јавност да им се придружи на трибините, за заедно да бидат дел од овој историски момент.
„Од името на клубот би сакал да ја истакнам радоста што имаме можност за првпат да ги покажеме квалитетите на Слободен во Купот на Македонија. Задоволни сме од противникот кој го добивме. Во минатото издание на Купот третолигашот Јант Тим ја елиминираше Победа Прилеп, а ако оваа година има изненадување во првото коло, сакаме тоа да бидеме ние. И кога велам изненадување, мислам на позитивно, не како рекордниот резултат од 22:0 што го има остварено токму Брегалница против ФК Ново Црнилиште во едно од претходните изданија на Купот“, изјави претстедателот на клубот, Анѓел Јанков.
Сите натпревари од првото коло на Купот на Македонија се закажани во истиот термин. Во првото коло од Купот се игра само еден натпревар, а доколку резултатот е нерешен по 90 минути, се пристапува кон шутирање пенали.
ФК Слободен е клуб од Скопје (Аеродром) и се натпреварува во Четвртата МФЛ, поточно во ОФС Кисела Вода, која важи за една од најсилните општински лиги во скопскиот регион. Клубот е основан во 2022 година и овој септември ќе ја започне својата трета сезона во македонскиот лигашки фудбал.
Дознај повеќе: https://fksloboden.com/