Фиорентина го искористи самиот финиш од зимскиот преоден рок за да донесе ново засилување во одбраната. Клубот од Фиренца официјално потврди дека во своите редови го доведе искусниот италијански стопер Даниеле Ругани, кој пристигнува од Јувентус како позајмен играч до крајот на сезоната.
Триесет и едногодишниот дефанзивец треба да биде значајно засилување за „виолетовите“ во борбата за опстанок во Серија А. Ругани минатата сезона настапуваше како позајмен играч во Ајакс, додека оваа година имаше ограничена минутажа во дресот на Јувентус, и во домашното првенство и во Лигата на шампионите.
Ругани е дел од Јувентус уште од 2012 година и во тој период запиша повеќе од 150 официјални настапи за „бјанконерите“. Со торинскиот клуб освои неколку титули во Серија А, како и трофеи во Купот и Суперкупот на Италија, а сега во Фиренца доаѓа со задача да внесе сигурност и искуство во последната линија на Фиорентина.
Договорот е склучен на позајмица, но вклучува и можност за продолжување доколку Фиорентина ја исполни главната цел и обезбеди опстанок во елитното италијанско првенство.