Светската фудбалска федерација ФИФА на 15 декември му изрече суспензија на ФК Партизан за доведување нови фудбалери во наредните три преодни рокови, што значи дека белградскиот клуб нема да може да регистрира засилувања сè до летото 2027 година.
Како и во претходни слични случаи, раководството на Партизан има можност автоматски да биде тргнато од листата на суспендирани клубови доколку во целост ги подмири долговите поради кои е изречена казната.
Според информациите на „Спорт клуб“, суспензијата најверојатно е поврзана со неисплатените обврски кон поранешниот фудбалер на клубот, Патрик Андраде. Партизан е должен да му исплати 1,3 милиони евра, откако го загуби спорот пред Судот за спортска арбитража и ги искористи сите правни механизми. Португалскиот фудбалер го носеше дресот на Партизан од летото 2022 до летото 2023 година. За „црно белите“ одигра 26 натпревари, постигна два гола и забележа три асистенции, а клубот го тужеше поради заостанати долгови од околу 270.000 евра.
Новата санкција од ФИФА претставува сериозен удар за Партизан, кој ќе мора итно да реагира доколку сака да избегне долгорочни последици во креирањето на тимот во наредните сезони.