ФИФА ја промовираше новата награда за мир, а прв добитник е американскиот претседател Доналд Трамп. Светската федерација соопшти дека признанието ќе се доделува еднаш годишно на личности кои, според нивната оценка, придонеле за унапредување на мирот во светот.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино во пресрет на ждрепката за Светското првенство, му се обрати на Трамп со објаснување зошто е избран за прв лауреат.
„ФИФА награда за мир ќе доделуваме секоја година на истакната личност која е посветена на унапредување на мирот ширум светот преку своите непоколебливи акции. Како и сите овде во просторијата, ги гледаме сликите од војните ширум светот, како и сите, страдаме за секое дете што умира и плачеме со секоја мајка што губи некој што го сака. Сакаме да видиме надеж и единство. Сакаме да живееме во безбеден свет. Вие дефинитивно ја заслужувате првата ФИФА награда за мир, која ја добивате на свој начин. Секогаш можете да се потпрете на мојата поддршка и поддршката од фудбалската заедница“, рече Инфантино.
Од ФИФА порачаа дека ова признание ќе стане традиционално во наредните години.
ФОТО/PHOTO: FIFA.com