Брзо откако се појавија информациите за апсењето на Дени Масев, веќе поранешниот директор на А-репрезентацијата на Македонија, стигна и соопштение од ФФМ.
Тие велат дека не знаат зошто Масев е уапсен, потврдија дека е разрешен од функцијата уште пред една седмица и немаат намера да коментираат за овој случај.
„Во врска со приведувањето на Данчо Масев, истакнуваме дека Фудбалската федерација на Македонија нема информации за неговите лични постапки и активности кои довеле до оваа ситуација.
Со оглед на ситуацијата, неговите активности во рамки на Федерацијата престанаа со моментален ефект, односно пред повеќе од една седмица.
Како институција која се придржува до принципите на законитост и интегритет, случајот го оставаме на органите на Законот во државата.
Нашиот фокус е насочен кон организацијата и подготовката на натпреварот Македонија – Велс, без да се акцентираат личните постапки, а било каква одговорност ќе биде утврдена од законските органи.
Фудбалска федерација на Македонија нема да коментира повеќе за овој случај“, стои во соопштението на ФФМ.