Денеска Фудбалската федерација на Македонија го одржа годишното собрание на кое беа донесени повеќе одлуки.
На почетокот на собранието по обраќањето на претставниците на ФИФА и УЕФА, едногласно беа потврдени суспензиите на ОФС Кичево и ОФС Охрид.
Исто така по 15 години, Статутот на ФФМ е усогласен со УЕФА и како што порача Омерагиќ сега нема простор за некакви импровизции.
„После 15 години, конечно ставаме крај на еден застарен, нефункционален систем и воведуваме ред. Статут изработен со УЕФА и ФИФА, кој не остава простор за импровизации. Да бидеме искрени, досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат.
До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција. Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација. Со новиот Статут, тоа завршува. Нема повеќе клубови што постојат само на хартија. Нема повеќе лажни записници. Нема повеќе фиктивен систем“, изјави Омерагиќ.