Фудбалот во Италија
нема да има до 3. април, сите спортски настани се суспендирани поради
епидемијата од коронавирус. Постои реална можност сезоната во Серија А да не го
дочека крајот, особено доколку забраната биде продолжена.
Медиумите синоќа
пишуваа за три сценарија, а со конкретни предлози за тоа што да се прави
доколку не можат да се одиграат сите кола, сега излезе и Фудбалската федерација
на Италија, со напомена дека предност не се дава на ниту едно сценарио.
Според првото сценарио на претседателот Гравина,
Скудетото нема да се додели и само ќе се испрати допис до УЕФА за тоа кои
клубови ќе настапуваат во Европа.
Второ сценарио е
да важи распоредот на табелата во моментот кога е прекинато првенството.
Третото сценарио
пак вели да има плеј-оф натпревари за титулата, како и плеј-аут натпревари за
преселба во Серија Б.
Од ФФИ исто така
посочуваат дека најмногу што можат да ја продолжат сезоната е до 31. мај, и да се
направи напор да се најдат термини за одигрување на одложените натпревари.
Како што стојат
работите во моментов, Јувентус е прв на табелата со 63 бодови, пред Лацио со 62
бода, додека пак Интер е трет со 54 бода и натпревар помалку.
ФФИ ќе одржи нов
состанок на 23. март, на кој ќе има пообемна дискусија за овие предлози, а властите
се отворени и да слушнат некои други сценарија.