Легендарниот тренер на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон, покрај трофеите и успесите, остана запаметен и по дисциплината што ја бараше во соблекувалната, а со текот на годините во јавноста излегуваат бројни анегдоти од неговата ера на „Олд Трафорд“.
Една од нив ја откри поранешниот фудбалер на „црвените ѓаволи“, Ли Шарп, кој го носеше дресот на клубот во периодот од 1988 до 1996 година. Тој раскажа како еден лош настап против големиот ривал Ливерпул целосно му го променил приватниот живот.
По разочарувачкиот меч на „Енфилд“, Фергусон му издал неверојатна наредба, да ја продаде куќата, автомобилот, па дури и кучето, ноо и да се пресели да живее во клупските простории. Дополнителен удар била и одлуката неговата тогашна девојка веднаш да се врати во Бирмингем, со што шкотскиот стратег сакал да го отстрани секој можен извор на одвлекување на вниманието од фудбалот.
Шарп призна дека без двоумење ги прифатил строгите правила, иако му било исклучително тешко. Сепак, дисциплината вродила плод, тој останал дел од Манчестер јунајтед и со овој клуб освои три титули во Премиер лигата.