Италијанските медиуми пренесуваат дека турскиот гигант Фенербахче подготвил понуда вредна 40 милиони евра за Давиде Фратези, 26-годишниот фудбалер од средниот ред на Интер.
Станува збор за фудбалер кој има 33 настапи во дресот на италијанската репрезентација и постигнати осум голови, но кој и оваа сезона добива скромна минутажа во составот на миланскиот клуб.
Фенербахче во зимскиот преоден рок сака да донесе звучно засилување, а Фратези се наоѓа високо на листата желби на клубот од Истанбул.
Интерес за него во изминатиот период покажаа и Јувентус, Наполи и Рома, но Интер, според истите извори, би преферирал да го продаде фудбалерот во странство, наместо да засили директен конкурент во борбата за врвот на Серија А.
Италијанските медиуми претходно објавија дека „нераѕурите“ би биле задоволни и со понуда од околу 35 милиони евра, па затоа понудата на Фенербахче од 40 милиони евра би била пречекана со одобрување во редовите на лидерот на табелата во Серија А.
Фенербахче во моментов се наоѓа на втората позиција во турската Суперлига, со три бода помалку од водечкиот Галатасарај, и јасно е дека клубот сака сериозно да се засили во трката за титулата.