Дербито во Турција помеѓу Галатасарај и Фенербахче кое се одигра вчера не понуди премногу фудбалска убавина и заврши без голови 0:0, но затоа предизвика реакции надвор од теренот.
По натпреварот португалскиот стратег на клупата на Фенербахче, Жозе Мурињо беше обвинет за расизам.
Причина за обвинувањата од ривалот беше неговата изјава во која ги критикуваше луѓето на клупата велејќи дека „скокаат како мајмуни“ за секоја судиска одлука.
Фенербахче набрзо по таквите обвинувања се огласи со реакција.
„Зборовите на Мурињо се целосно извлечени од контекст. Само некој кој сака да измислува тоа ќе го протолкува како расизам. Тој тоа го кажа како објаснување на реакцијата на целата клупа на Галатасарај на одлуките на судијата. Не ни е јасно зошто некој сака да манипулира. Кога за некој ќе кажеш дека „трча како зајак“, не мислиш буквално дека е „зајак“, така истото важи за зборот „мајмун““, стои во соопштението.