Фарски Острови: Аматери или светска сила?

by riste
17 минути читање

Деновиве повторно ќе се судриме со ова „џуџе“ на фудбалската меѓународна сцена. Македонската репрезентација остана неискажана во првиот натпревар кој беше единствениот во овој циклус каде нашите играчи беа вистински надиграни.

Делумно поради фрустрациите од реалните проблеми кои не следат со децении, но воглавно поради надменост и игнорантност, македонската јавност бурно изреагира на нашето нерешено со Фарски Острови, претворајќи ја во фарса целата кампања за прогрес во повисок ранг во Лигата на Нации. Овој резултат предизвика огромни последици, дури со најави за радикални промени во Куќата на фудбалот. Но дали е до толку страшно тоа нерешено?

На луѓето со кои секојдневно разговарам на овие теми им најавив дека такво нешто е реално да се случи, водејќи се по скромното знаење што го имам за оваа извонредна фудбалска нација. Сепак, почнувајќи од најодговорните, т.е. новинарите и фудбалските работници, па се до крајните конзументи на нашиот фудбал, никој не се потруди да дознае нешто повеќе за оваа симпатична нација и не дај Боже да даде некаков обид за рационално објаснување зошто имавме неповолен резултат.

Во бесот кој што тогаш ја разболе македонската јавност, не се запрашавме кои се тие Фарски Острови и како е можно една држава со население колку Тетово може да собере играчи кои што ќе и парираат на една „светска велесила“ како Македонија. Нели, ние мора таквите да ги мачкаме на леб затоа што сме од раѓање предодредени за високи дострели!

Иронијата на страна, оваа статија ќе биде мојот обид барем малку да се објасни културолошкиот феномен – фудбалот на Фарски Острови, како увертира на возвратниот натпревар кој што ќе се игра во Скопје на 17ти Ноември.

Aerial view of Torshavn on a sunny day with the largest stadium of Faroe Islands in the foreground.

Нацијата

Фарски Острови всушност е архипелаг од 18 вулкански острови, полн со диви пејзажи со тревни мочуришта и карпи. Дом е на околу 50.000 луѓе. Фарски Острови има далеку повеќе овци од луѓе, а економијата е скоро целосно зависна од риболовот.

Островите ги населиле Викинзи кои пристигнале од Норвешка во деветтиот век. Како територија биле дадени на Кралството Данска заедно со Гренланд и Исланд со Договорот од Кил во 1814 година. Денес, Фарските Острови имаат високо ниво на автономија – но не и целосна независност – како самоуправна земја во рамките на Кралството Данска.

Фарчаните комуницираат на фарски јазик, но голем дел од нив разбираат и исландски, дански, норвешки, иако можеби не знаат адекватно да говорат. Не треба да си генијалец за да сфатиш дека Фарчаните се нордијци, судејќи по јазикот и културата, иако имаат и многу засебни карактеристики кои ги прават уникатни.

Животот на Фарски Острови

Животот во оваа земја знае да биде и досаден, со дождлива и ветровита клима. Островите се поврзани со тунели, а транспортот се одвива и преку ферибродови. На некои острови од архипелагот се стига само со хеликоптер, а владата го субвенционира овој начин на превоз за да го одржи животот и на позабаталените делови.

Tindhólmur and Drangarnir, Vágar, Faroe Islands – January 27, 2022; A flock of sheep peacefully grazing on a field close to the famous Tindhólmur and Drangarnir.

Локалците важат за релативно студени луѓе и странците честопати се мачат да се „инфилтрираат“ во друштво заради културолошките разлики и јазичната бариера.

Како резултат на географската изолираност и зависноста од увоз, цените се доста скапи со исклучок на домашните производи. Сепак, стандардот е многу повисок од нашиот и локалците воглавно имаат примања кои во најмала рака им ги задоволуваат основните потреби и им овозможуваат удобен живот.

Сите овие фактори помогнале да се формира фудбалската филозофија и култура на оваа нација.

Од каде фудбал на ФО?

Фудбалот го донеле англиските морнари и рибари на кои ова место им било пропратна станица. Импресионираните Фарчани многу брзо ја прифатиле играта и им станала главно хоби уште од 19ти век. Најпрво фудбал се играло само на ливади и други рамни површини за денес да има над 20 модерни терени вклучувајќи го и Торсволур стадионот каде што нашата репрезентација ремизираше во септември.

Друг фактор кој што има сериозно повлијаено на популаризацијата на фудбалот е шансата за нацијата да се прикаже на светот. За Фарчаните нема подобар начин да ја покажат својата национална гордост од меѓународниот фудбал. На фудбалскиот мегдан милиони го слушаат нивното име, го препознаваат нивното знаме и учат за нивната култура. Ова стана евидентно во 1990та година кога новоформираната репрезентација на Фарски Острови ја победи фаворизираната Австрија со 1:0, шокирајќи ја целата фудбалска јавност.

Од тогаш фудбалот на островите зеде голем залет и беа направени големи чекори кон подобрување на инфраструктурата и зголемување на вклученоста од најниско до највисоко ниво.

УЕФА активно ги помага Фарски Острови во нивната цел – да достигнат вклученост и до 20% од населението. Овој потфат планираат да го реализираат преку поголема инклузија на женската популација, но и на повозрасните старосни групи.

Најсилни во слабите

Иако ФИФА ранкингот кажува поинаку, Фарските Острови се веројатно најсилната репрезентација меѓу помалите и фудбалски „отпишани“ земји. Пред само две години го зедоа скалпот на големата Турција, победувајќи ја со 2:1 во натпревар од Лигата на Нации.

Меѓу останатите победи од последниве неколку години се издвојуваат триумфите против Малта, два пати против Андора, три пати против Лихтенштајн, и по еден против Молдавија и Литванија. Не се за потценување ни нерешените резултати против Албанија, Косово, Ерменија и се разбира – ремито против Македонија.

Од овие резултати очигледно е дека оваа репрезентација не е, како што би рекол нашиот селектор на У21, „вреќа за полнење“. А кога сме кај У21, Фарските Острови нé победија 0:1 во 2022ра, а изигравме и 1:1 кај нив во циклусот квалификации за ЕП. Од сегашните наши сениори, само Бојан Димоски и дебитантот Сефер Емини беа дел од составот кој загуби тој ден на Градски.

Да не испадне дека само Македонија на Цапар паѓала пред предизвикот, и нашиот сосед Србија не успеа да ги победи Фарчаните во тој циклус, играјќи нерешено во двата наврати. Впрочем и една Франција падна пред младите нордијци, со суперѕвезди како Камавинга, Бадиашил, Мелие, Баде и Калулу во составот.

5000 фудбалери

Замислете градови како Тетово или Штип да имаат 5.000 регистрирани фудбалери! Со број на жители од 50.000, Фарски Острови има 10% активна вклученост во фудбалот на своето население. Споредбено, ако Македонија имаше олкав интерес за играње фудбал, ние би имале околу 200.000 фудбалери. Па кај ќе ни беше крајот!?

Во недостаток на податоци за бројката на фудбалери кај нас, само ќе заклучам дека ние сме далеку од ова ниво на фудбалска култура и посветеност кон спортот и тоа нема врска со федерации и со политики. И не само ние, туку и светски велесили како Бразил, Аргентина и Англија се далеку од овие бројки.

Многу светски фудбалско-културолошки феномени како Уругвај се исто така под ова ниво на инволвираност на обичниот човек во фудбалскиот систем. Можеби единствената нација која може да се спореди со Фарските Острови се нивните братучеди Исланд, но за тоа во друга прилика.

Домашното првенство

Слично како и во сите сериозни фудбалски земји, структурата на домашниот фудбал во Фарски Острови остава простор за професионален и аматерски ангажман на фудбалерите. Има фудбал за секого, односно од прва до четврта лига, а настрана од пирамидата, доста се игра и рекреативно.

Првата лига е целосно професионална и има 10 екипи. На крајот од сезоната, два тима испаѓаат во понизок ранг, а два тима одат во европските натпреварувања со едно дополнително европско место преку националното куп натпреварување. На УЕФА рангирањето, Премиер Лигата на Фарски Острови се наоѓа на 39то место или 12 места над македонската прва лига.

Тимовите се составени претежно од домашни играчи, но има и доста странци кои даваат голем придонес кон високиот квалитет на лигата. Странци имаат и во пониските лиги, за разлика од нас кои можеби не сме толку географски изолирани, но ете, сме поставиле некои други ментални бариери.

Сѐ до најдолните нивоа, во пониските лиги најчесто се наоѓаат вторите, третите, па дури и четвртите резервни тимови на неколкуте поголеми екипи во земјата. Ова остава простор на секој што сака да игра и да напредува истото да го прави во клубот наместо да менува средина во потрага по минути.

Лигата има многу следачи од секаде низ светот и за неа се посветени неколку Јутуб канали и подкасти. Ова, дополнително со големиот локален интерес за фудбалот е голем поттик за домашните компании кои што буквално се тепаат да го изложат својот бренд на дресовите од тимовите, резултирајќи со чудни и начичкани дизајни на самата опрема за да може да ги собере сите брендови.

Нови шампиони

Војчингур, или по нашки – „Викингур“, се новите шампиони на Фарски Острови откако на 26ти октомври се одигра последното коло за оваа сезона. Викинзите ќе бидат фарскиот претставник во квалификациите за ЛШ откако за првпат по 2017та година успеаја да ја освојат Премиер Лигата, за трет пат во нивната кратка историја.

Капацитетот на теренот на овој тим е за неколку пати поголем од населението на Гота – селото од каде што доаѓаат новите шампиони. Четири играчи на Викингур ќе допатуваат во Скопје, меѓу кои и дебитантот Поул Калсберг кој ја заврши сезоната со неверојатни 12 голови и 14 асистенции. Меѓу останатите е и голманот Ренатрој, за кој има консензус дека е убедливо најдобар голман во лигата.

Вицешампионите – хит во УЕФА Конференциската Лига

Тимот на Клаксвик не успеа да ја одбрани титулата, но имаше уште една сезона за паметење. Во сезоната 2023/24та, Клаксвик стана првиот фарски тим кој стигна до третата рунда од квалификациите за ЛШ. За споредба, овој подвиг им успеа само на Вардар, Работнички и Шкендија во минатото. Ова значеше дека и пораз сепак ќе ги одржи Клаксвик во Европа, односно во Конференциската Лига, но тие не мислеа на пораз.

Во првата рунда го победија Молде со 2:1 и навистина изгледаше дака ќе има огромна сензација, но среќата не ги посака и изгубија во возвратниот дуел на продолженија. На патот кон ЛШ, Клаксвик победи екипи како Ференцварош и Хакен, а подоцна во Конференциската Лига освои бод против Лил, за потоа убедливо да ја победи Олимпија Љубљана.

Оваа сезона авантурата во Европа беше пократка, но скоро еднакво возбудлива. Разликата беше во тоа што никој повеќе не ги сметаше за изненадување и многу од фаворитите си ја имаа завршено домашната. Најпрво во ЛШ го победија Диферданж, за да испаднат од Малме иако имаа предност по првиот натпревар. Подоцна испаднаа од Борац Бања Лука со гол примен во 92ра минута, за на крај да им се повтори истото сценарио против Хелсинки, односно да испаднат со гол во 93тата минута.

Оваа серија на натпревари и на несреќни порази си го зеде данокот во домашното првенство каде екипи како Викингур опортунистички ја зграбија шансата да го превземат приматот на шампиони, иако објективно Клаксвик важи за најсилниот тим.

Интернационалци

Во минатото светот знаеше само за еден Фарчанец, голманот Гунар Нилсен кој „дотурка“ и до Премиер Лигата со Манчестер Сити. Денес може да се каже дека нема ниеден играч од толкав профил, но има неколку што лебот го вадат надвор од својата земја.

Еден од нив е и Јоан Симун Едмундсон кој ги носи боите на ФК Шкупи во нашето првенство. Годинава Едмундсон не е редовен стартер за сините од Чаир, но има забележителен учинок од 3 гола и 3 асистенции. Едмундсон влезе во одлична форма баш пред дуелот со Македонија, и тоа на Градски, правејќи две одлични асистенции во поразот на Шкупи од Вардар во последниот натпревар пред интернационалната пауза.

Неодамна, доста врева се дигна за српскиот Фарчанец, Стефан Радосављевич, кој овојпат нема да патува во Скопје, но има позитивно искуство од Градски бидејќи токму тој го постигна победничкиот гол на гореспоменатиот натпревар од У21. Стефан моментално е без клуб откако го напушти Слиго Роверс од Ирска, па не беше повикан од в.д. стручниот штаб на нашиот противник.

Поглавјето за интернационалците не би било комплетно ако не спомнам за играчот кој за првпат ги сврте погледите на светската јавност кон домашниот фудбал во оваа мала земја – Адриан Јустинусен. Навидум обичен крилен напаѓач, Јустинусен има топовски удар со неговата десница и впрочем се прослави откако постигна хет трик со три голови директно од слободен удар. Моментално настапува за Хилерод во данската втора лига и е трет стрелец со дури 10 голови. Неговиот тренер во Данска пред два дена најави дека неколку прволигашки екипи сакаат да го донесат во нивните редови и тој набрзо ќе има нов клуб.

Инфраструктурата

Никој не останал рамнодушен на сликите од спектакуларните пејсажи на Фарски Острови кои се надополнети со симпатични и компактни стадиони, дизајнирани да овозможуваат игра на сите временски услови. Честопати сместени близу брег или на ридови каде што очигледно гризе студен ветер, терените во оваа земја се приказна за себе.

Нормално, поради ригорозните временски услови се игра на вештачка трева и се чини таму никој нема проблем со реалноста и не се преправа дека живее во Шпанија. Гледајќи колку се лоши условите за игра на некои од терените во македонската прва лига, можеби имплементирање повеќе трајни решенија како ова и не е така лоша идеја.

Сканси Арена – Дом на ФК Арѓа

Торсвалур – Националната арена

Ѓупумира – Дом на Клаксвик

А Еидинум – Дом на Судурој

Еиди Стадион – Поранешен дом на ЕБ/Стрејмур

Неделното гостување на Градски

Прво што треба да се напомене е дека Фарски Острови доаѓа во Скопје без тренер, односно без човекот кој ги водеше изминатите пет години – Хокан Ериксон. За воља на вистината, Фарски Острови има само една победа во 2024, на пријателски натпревар против Лихтенштајн. Се чини голот што го примија во судиското продолжение со Ерменија му пресуди на Ериксoн, бидејќи без тој гол сега ќе беа веднаш зад нас на табелата и со големи шанси за опстанок во оваа дивизија.

Сега им останува да се обидат да победат против Ерменија дома, за да имаат за што да се надеваат на нивното гостување во Скопје во недела. Досегашниот селектор на У21, Ејдун Клакстин, ќе биде одговорен за тимот за овие два натпревари, во обид да го повтори успехот од 2022ра кога успеа да украде три бода на сред Скопје.

Едно е сигурно, Фарчаните ќе играат максимално компактно и ќе дојдат тука со план за победа. Дали ќе успеат? – За тоа, сепак, се прашуваме ние.

Пишува: Филип Јаќимоски
Извор: Trivela.mk

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани