Фантастичен натпревар, Франција ја победи Аргентина и се пласира во четвртфиналето! (ВИДЕО)

by
2 минути читање

Франција е првиот четвртфиналист на Светското првенство во Русија. Французите ја добија битката со Аргентина која во еден момент имаше водство, но беше послаб противник и заслужено ги пакува куферите.

Франција покажа со каков потенцијал располага, распука со сета своја сила, а во главна улога беше Килијан Мбапе кој постигна два гола, а врз него беше направен и пенал.

Дека натпреварот ќе биде ефикасен беше најевно уште во 13. минута, Рохо направи пенал врз Мбапе, а Гризман погоди од белата точка за водство од 1-0.

Франција ја диктираше играта, но во 41. минута се случи еден прекрасен потег на Ди Марија, гол од голема далечина за израмнување на 1-1.

Фуриозно почна и второто полувреме, по само три минути игра во него, Меси шутираше, Меркадо го смени правецот на топката и таа влезе во мрежата на Лорис за пресврт и водство на Аргентина од 2-1.

Девет минути подоцна вистинска убавица на Павар, топката му легна фантастично по асистенција од Лукас и тој постигна прекрасен гол за 2-2.

Во 64. минута Мбапе постигна гол за 3-2, ја врати предноста на Франција, а само четири минути подоцна даде уште еден гол за 4-2, веќе беше јасно кој ќе биде победникот од овој дуел

Во судиското продолжение по асистенција на Меси, Агуеро погоди со глава и ги постави конечните 4-3, немаше време за уште еден погодок.

На крајот Франција сосема заслужено се радуваше на победата и на пласманот во четвртфиналето, а таму ќе го чека победникот од вечерашниот меч меѓу Португалија и Уругвај.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани