Според најновите информации кои пристигнуваат од Островот, Лидс јунајтед
се уште ги нема договорено деталите од најавениот трансфер на Езгјан Алиоски,
поточно со неговиот клуб Лугано.
„Се уште нема
никакви информации околу пристигнувањето на Алиоски во Англија, Лидс јунајтед
веќе ги реализираше медицинските прегледи на своите фудбалери пред да замине на
подготовки во Австрија, на предсезонскиот тренинг-камп каде е предвидено да
одигра и три контролни средби“ пишува „Инсајд Фудбал“, базирајќи се на последните информации.
Лугано
дефинитивно ќе остане без својот најдобар фудбалер ова лето. Познато е дека
актуелниот договор на Алиоски со швајцарскиот клуб истекува идното лето, па
така Лугано не сака да остане со празни раце од македонскиот репрезентативец
кој беше поврзуван со Аталанта, Базел, Херта и останати клубови од Европа.
Фил Хеј, кој
инаку е спортски новинар кој ги покрива информациите од Лидс јунајтед, на
прашањето „Дали Алиоски пристигнува денеска во Англија?“, одговори дека
според информациите кои тој ги поседува во моментов, Лидс јунајтед се уште е во преговори со Лугано.
Вчера Лугано
одигра пријателски меч со Милан во кој загуби со 0-4, она што е за нас најважно
од тој меч е тоа што Алиоски не се најде во почетниот состав на швајцарскиот прволигаш, ниту на клупата за резервни фудбалери, со што додатно се подгреаа
шпекулациите дека е на пат за Англија.
Дека постојат
преговори и официјално помеѓу Лидс јунајтед и Лугано, говори и изјавата на Пјер
Тами, стратегот од клупата на швајцарскиот прволигаш.
„Точно е дека преговорите со англискиот клуб одат во
позитивна насока, сепак, да почекаме за крајниот исход, да видиме што ќе се
случи“ изјави шефот на стручниот штаб на Лугано, Пјер Тами за швајцарскиот
весник „ЛаРегионе“.
Нашиот 25 годишен
офанзивец кој по потреба игра и на бековската позиција, зад себе имаше сезона
за паметење, одигра 34 натпревари, притоа постигнувајќи 16 погодоци за својот
тим, што за момент привлече поголем број европски клубови кои застанаа во редот
за неговиот потпис.
Алиоски котира
солидно на трансфер пазарот во Европа, има вредност од 2 милиони евра, тоа што
има двојно државјанство (македонско и швајцарско), дополнително ги олеснува
преговорите помеѓу Лугано и Лидс јунајтед, но се чини дека за официјална
потврда за неговата преселба во англискиот Чемпионшиплигаш, ќе треба да
почекаме.