18-годишниот Естевао е во центарот на вниманието по вчерашната одлична партија против Барселона, младиот Бразилец игра во голема форма оваа сезона во синиот дрес.
Челси ја доби трката по Естевао кој веднаш почна да покажува одлични игри, а по вчерашниот меч, тренерот на Челси, Енцо Мареска кажа неколку реченици за Бразилецот од кои може да се заклучи дека тој е на вистинскиот пат да стане голем фудбалер.
„Естевао изгледа како момче од старата школа. Не е цело време на неговиот телефон, не поминува многу време на социјалните мрежи…. Работи напорно, тој е едноставно и нормално момче. Тоа ми се допаѓа. Неговата фамилија е секогаш околу него. Тој е посебен фудбалер, но нормално момче“, рече Мареска.
Овие карактеристики ретко се наоѓаат кај денешните млади фудбалери. Пример за тоа станува Јамал кој со своите неверојатни игри се промовираше во чудо од талент, но оваа сезона не е во истиот сјај. По крајот на минатата сезона играчот на Барселона многу повеќе во медиумите е поради нефудбалски работи отколку поради неговата игра.
За разлика од него, Естевао засега изгледа скромно во својот начин на живот, нешто што може да биде пресудно за понатамошниот развој.