Пари Сен Жермен е нов освојувач на УЕФА Суперкупот, откако во финалето го совлада Тотнем по изведување на пенали.
Тренерот Луис Енрике по мечот призна дека противникот бил подобар во поголемиот дел од натпреварот, но изрази задоволство од карактерот и борбеноста на своите играчи.
„Тешко ми е да зборувам за овој натпревар. Трениравме само 5-6 дена пред него. Неверојатно е што успеавме да победиме. Им честитам на навивачите кои беа со нас на стадионот. Без оглед на резултатот, тие не престанаа да го поддржуваат тимот. Мило ми е што можевме да им се заблагодариме со овој трофеј. Мислам дека Тотнем одигра многу добар натпревар. Беа посилни и подобро подготвени од нас, па затоа ни беше тешко. Сепак, покажавме карактер и се боревме до последната минута. Не знам дали нашата победа беше фер, но тоа е фудбалот и среќен сум за нашите навивачи. Има што да се подобри. Секогаш сакам повеќе од моите играчи“, изјави Енрике.
Ова е прв трофеј за ПСЖ во новата сезона, кој пристигнува по само неколку дена подготовки, што го прави успехот уште поголем во очите на шпанскиот стратег.