Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас повторно го носи дресот на Наполи, откако во летниот преоден рок се врати во клубот како позајмен фудбалер од РБ Лајпциг.
Тој зборуваше и за својата тактичка флексибилност, нагласувајќи дека е подготвен да одговори на сите барања на тренерот Антонио Конте, без разлика на позицијата на која настапува.
„Беше прекрасно да се освои Суперкупот, нашиот прв трофеј во сезоната. По Скудетото, освојувањето на овој трофеј беше многу важно: тоа беше одлична недела во Ријад. Одигравме два врвни натпревари и му го донесовме овој божиќен подарок на Наполи. Освојувањето на овој трофеј беше важно за нас, па затоа добро им пристапивме на двата натпревари против Милан и Болоња. Тоа се два силни тима со многу квалитет, па знаевме дека мора да дадеме максимум.
Сакам да играм зад напаѓачот и деновиве играм малку повеќе на мојата позиција, по пет недели играње како играч од средниот ред. Не е лесно да се префрлаш од една улога во друга, но се трудам да го дадам најдоброто од себе. Според мене, оваа позиција е совршена за мене затоа што можеш да постигнуваш голови, да дриблаш и да асистираш. Се обидувам да разберам што бара тренерот Конте од мене за да направам чекор напред во квалитетот. Кога играв како играч од средниот ред, Конте бараше други работи од мене и не секој секогаш го разбира тоа. Против Милан и Болоња, сепак, играм друга улога, барањата на тренерот се менуваат и се обидувам да го следам тоа што ми го кажува.
Разбирам многу работи во животот и во фудбалот, среќен сум тука. Не знам што ми носи иднината, ќе видиме дали можам да стигнам до 300 настапи за Наполи, но и 200 се големо достигнување“, додаде Елмас.
Во досегашниот дел од сезоната, Елмас има 18 настапи во сите натпреварувања, но по враќањето во Наполи сè уште нема учинок во голови или асистенции.