Фудбалерите на Наполи го победија Јувентус (2-1) во дербито на колото во Серија А.
Цел натпревар за „партенопеите“ одигра Ељиф Елмас, кој доби поинаква улога. Македонскиот репрезентативец играше во срцето на средниот ред, подефанзивно за да ги покрие офанзивните истрчувања на Скот Мектоминеј.
По мечот Елмас откри дека може да игра било каде на теренот кога тоа е потребно.
„На теренот се обидувам да направам сè што можам. Моментално на тимот му е потребен подефанзивен играч за врска и мислам дека одговорив добро на предизвикот. Најважно нешто е што Наполи победи, ако од мене се бара и нешто друго, ќе се потрудам да го направам и тоа. Играњето со Мектоминеј е убаво, тој е малку поофанзивен па јас покривав за него. Да се игра на таа позиција мора да бидеш интелигентен, во спротивно нема да можеш да покриеш. Добро се подготвивме за натпреварот против Јувентус, одигравме со еден напаѓач и покажавме добар пресинг, а на крајот освоивме важни три бода“, изјави Елмас.
Ељиф Елмас за Наполи само оваа сезона ги покриваше речиси сите позиции во средниот ред.