Осман Дембеле своевремено важеше за едно од најголемите промашувања во светот на фудбалот.
Во 2017 година Барселона го купи Дембеле за 135 милиони евра, а таа сума можеше да порасне и до 180 милиони доколку тој и клубот ги исполнеа зацртаните цели. Французинот апсолутно пропадна во Барселона, често беше повреден и не играше редовно. Поради тоа клубот реши да се ослободи од него шест години подоцна, па во 2023 за 50 милиони евра се пресели во ПСЖ.
Ниту во Париз немаше добар старт, на 42 натпревари во првата сезона даде само шест погодоци.
Сепак, сега Дембеле игра сезона од соништата и има вистинска експлозија. Француското крило сезонава постигна 21 погодок и пет асистенции на вкупно 27 натпревари. По заминувањето на Килиан Мбапе тој доби целосна слобода и знае добро да го искористи тоа.
На последните седум натпревари кои Осман Дембеле ги одигра постигнуваше барем по гол, двапати имаше хет-трик, а вкупно на нив даде 13 погодоци.