Поранешниот македонски репрезентативец Остоја Стјепановиќ имаше работна средба со еден од најдобрите фудбалски тренери во историјата, Пеп Гвардиола.
Според пишувањата на српските медиуми, разговорот меѓу Стјепановиќ и стратегот на Манчестер Сити бил фокусиран на можноста за идна соработка, со оглед дека нашиот поранешен фудбалер денес е успешен менаџер кој застапува голем број талентирани млади играчи од Србија.
Неколку од нив веќе се на радарот на европските скаути, а не се исклучува можност во иднина некој од тие таленти да заврши токму на „Етихад“.
Стјепановиќ, кој во играчката кариера настапуваше за Вардар, Работнички, Партизан, Висла и уште неколку клубови во Европа, последно го носеше дресот на Рад Белград. Тој беше избран за најдобар фудбалер во Македонија во 2012 година и запиша 18 настапи за националниот тим.